Десетици риби угинаа денеска во извор од сливното подрачје на реката Коселска, во атарот на селото Орман. Според екологистите, причината за поморот на рибите е несовесноста на жител од селото, кој поради нестручност, ја испуштил отпадната вода од својата септичка јама директно во водата од изворот.
-Угината е значителна количина на плашица и на грунец. Увид на лице место извршија претставници на Комуналниот инспекторат при Општина Охрид и направија записник. Вакви излевања на септичките јами се случувале и порано, но овој пат последиците беа многу поголеми односно наштетија на живиот свет во реката, вели Борис Стојаноски од Еколошкото друштво “Грашница”.
Тој наглсува дека за да се надмине овој проблем и можната опасност од нови излевања на јамите, на селото Орман треба да му се обезбедат услови за соодветен третман на отпадите води и што побрзо да се поврзе на канализационата мрежа.











