Дел од охридските угостители се незадоволни од воведувањето на дополнителна давачка за поставување урбана опрема, која, како што велат ќе го оптовари нивниот тенок буџет и ќе ги поремети подготовките за главната туристичка сезона. За нив крајно дискутабилна е наплатата на дневна такса за поставена угостителска опрема на отворен простор без оглед дали се работи за јавна површина или приватен имот. Од угостителските објекти каде денеска општинските служби подигаа инвентар заради неподмирени обврски или неусогласеност со планот за поставување урбана опрема, бараат одговор од локалната самоуправа за оправданоста на воведената давачка и намената на тие средства.

-Имаме право да знаеме за што што ќе се трошат парите од оваа давачка, но уште повеќе треба да ни се објасни зошто се наплаќа дополнителна такса за поставување угостителска опрема и на приватен имот.-прашуват угостителите.

Охридските угостители укажуваат на нелогичности во утврдување на висината на јавните давачки, посочувајќи дека на име дневна такса за поставена опрема ќе треба да издвојат повеќе средства отколку што изнесува годишен закуп за плажа.

-Од една страна се воведуваат дополнителни давачки за поставување угостителска опрема на јавна површина или приватен имот, со што се зголемуваат трошоците за работа, а од друга страна државно земјиште се изнајмува евтино или се продава по цена од само едно евро за квадрат, што нема никаква логика, забележуваат угостителите.

Тие велат дека не бегаат од своите обврски и истите уредно ќе ги подмират, но бараат локалната самоуправа сериозно да ги земе предвид нивните забелешки и да помогне да се надминат проблемите во оваа дејност, кои, според нив, треба да се решаваат низ отворен дијалог во присуство на сите релевантни чинители.

Општинскиот инспекторат денеска спроведе акција за подигнување урбана опрема од јавни површини за која, како што соопшти локалната самоуправа, сопствениците немале соодветни одобренија или не ги подмириле давачките кон општината.

„Се подигаат масите и столиците за кои сопственици не добиле одобрение за поставување и не ги почитувале пропишаните правила и дополнителниот рок – 15 април, до кога истите до општината можеа да поднесат барање за поставување опрема. Штом извршат уплата, повторно ќе им биде овозможено да ги постават масите и столовите, во рамките на она што е предвидено со Програмата и Договорот кој го постигнале со локалната самоуправа.“ – информираа од општина Охрид. 

Оттаму посочија дека акцијата уследила по опомените на инспекциските служби  до сопствениците на кафулињата и рестораните, кај кои биле утврдени неправилности во поставувањето на урбаната опрема, најавувајќи дека ваквите активности ќе продолжат и во наредните денови.

OhridNews

Се подига нелегално поставената урбана опрема