Во изминатиот период до медиумите од страна на поединци, вработени на УИНТ, беа проследени дезинформации, правно неиздржани толкувања на законски одредби како и злонамерни клевети кои се однесуваат на Ректорската Управа на УИНТ, информираат од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид.
Во дописот до медиумите се наведува дека соопштенијата од наводен официјален орган на УИНТ, за наводна извршена смена на раководната структура на Универзитетот претставуваат очаен обид за манипулација со јавноста.
-Токму овие поединци на УИНТ, се обидоа да извршат неовластен упад во работењето на Универзитетот, на нелегален начин да свикаат седница на Универзитетски сенат, претставуван од самопрогласени сенатори, на кои се донесени нелегитимни одлуки, и потоа, со насилнички средстава упаднаа и во просториите на Ректоратот, со што го попречија функционирањето на Универзитетот. Овој нелегален обид претставуваше повод за информирање и брзо вклучување на државните институции и нивна интервенција на Универзитетот. По увидот кој го изврши Државниот просветен инспекторат на УИНТ, донесено е решение во кое се налага преземање на мерки и активности за отстранување на констатираните незаконитости како: поништување на нелегалната седница на самопрогласените сенатори и донесените одлуки од истата седница, изборот на членови на сенатот, како и привремен управител(!) на Ректорската управа.-стои во соопштението.
Охридскиот Основен Суд неодамна донесе решение со која им наложи на членовите на Сенатот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ да им овозможат на членовите на Ректорската управа непречено дејствување и спроведување на одлуките од Државниот просветен инспекторат, што според управата на универзитетот не било испочитувано во прв момент.
– Самопрогласените сенатори сепак продолжија со отпорот и одбија на Судскиот извршител да му дозволат да ја спроведе одлуката на Судот. На 19 март, самопрогласените сенатори се согласија да постапат согласно судското решение само откако полицијата доби судски налог за присилно извршување на истото. Целосната нанесена штета ќе биде утврдена со помош на надлежни органи, а одговорните за истата, ќе одговараат соодветно законите на Република Македонија.-се вели во соопштението нс Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид.
Оттаму уште информираат дека наставата за студентите редовно се одржува.