Во периодот од 6 до 8 ноември 2026 година, на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ (УИНТ) во Охрид ќе се одржи настанот Ohrid TechAthlon 2026. Настанот е организиран од Охрид Тех Сити во соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

Учеството е отворено за фриленсери, претприемачи, студенти, ученици, програмери, дизајнери, иноватори, истражувачи, академски работници и компании. Под менторство на 20 искусни професионалци, учесниците ќе имаат можност да ги развијат своите идеи од иницијален концепт до изработка на прототип и бизнис модел, потенцираат.
Програмата на настанот, велат, опфаќа: хакатон за стартап идеи, каде тимовите ќе креираат и презентираат иновативни решенија пред стручно жири, Бизнис Експо и Саем за кариера, каде компаниите партнери ќе ги претстават своите активности преку мини-штандови, ќе понудат кариерни можности и ќе остварат директен контакт со талентите, како и практични работилници и менторски сесии, наменети за стекнување нови сознанија и вештини од областа на современите технологии и индустриските трендови.
Поддршка и учество на настанот имаат потврдено над 10 партнери од бизнис и академскиот сектор, меѓу кои се Магна, Брејнстер, Волт, Талентир, Сервисеа, УИНТ „Св. Апостол Павле“ и Хелветас.
На настанот исто така ќе бидат презентирани дел од проектите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид: SINFT (https://sinft.net/) и COPILOT (https://copilotproject.eu/).
Сите заинтересирани може да се пријават и да најдат повеќе информации за агендата на официјалната веб-страница: www.ohridtechathlon.com.
OhridNews











