Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид, претставуван од проф. д-р Нинослав Марина, Ректор на Универзитетот и Македонската Академија на Науките и Уметностите (МАНУ), претставувана од академик проф. д-р Владо Камбовски, Претседател на МАНУ, денеска во Скопје потпишаа меморандум за соработка.
Примарната цел на овој меморандум е да создаде платформа за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Апостол Павле“ и МАНУ во интерес на развојот на високото образование и научно истражувачката дејност.
Потписниците на овој договор во иднина ќе соработуваат преку учество во заеднички проекти во областа на високото образование и академските истражувања, размена на искуства и најдобри практики, организирање образовни и хуманитарни проекти за развивање и промоција на општествената одговорност, информираат од УИНТ „Св. Апостол Павле“ – Охрид.











