Министерството за образование и наука ќе формира две нови бази – за доктроски студии и база за проверка на плагијати на магистерски, специјалистички стручни трудови и семинарски работи, соопшти  минситерот Панче Кралев.

Kaко што пренесува „Макфакс“, создавањето на ваквата база е овозможено со последните измени на Законот за научно-истражувачка дејност усвоени јуни оваа година. Покрај ова, се обезбедува и широка достапност на научните области во кои се истражува во Република Македонија, споредливост на научно-истражувачката работа на меѓународно ниво. Овие бази исто така ќе придонесат и за планирање на развој на научните области во Република Македонија и нивно насочување за општиот стопански и демократски развој. Покрај ова се обезбедува и развој на етичноста во научното истражување.

Како што појаснија министерот за образование Панче Кралев и со ректорот на Универзитетот за информатички технологии и науки „Свети Апостол Павле” во Охрид, проф д-р Нинослав Марина, првата база ќе се води на интернет порталот nauka.mon.gov.mk, а втората на порталот плагијати.мон.гов.мк, на кои ќе се содржат податоци за авторот на трудот, установата на која е запишан и за темата на трудот.

„Целта е да се обезбеди јавност во научната работа на научните и стручните кадри, како и квалитетни и научно докажани изворни докторски и магистерски трудови. Се обезбедува и широка достапност на научните области во кои се истражува во Република Македонија, споредливост на научно-истражувачката работа на меѓународно ниво. Овие бази ќе придонесат и за планирање на развој на научните области и нивно насочување за општиот стопански и демократски развој. Покрај ова, се обезбедува и развој на етичноста во научното истражување”, рече министерот Панче Кралев на прес-конференцијата во Министерството за образование и наука.

Двата портала веќе се ставени во функција, па на порталот наука.мон.гов.мк се внесени 57 биографии со комплетни податоци за научници, 44 истражувачки и инженерски проекти и 114 библиографски единици, додека на рлагијати.мон.гов.мк, има 549 регистрирани корисници и таму се пријавени 226 документи од корисници.

Ректорот Марина, рече дека во институцијата што ја раководи ќе има многу истражувачка работа, а особено ќе се заложи да нема појава на плагијати и оти ќе биде нетолерантен во таков случај.

Идејата на Системот за евиденција на достигнувањата на академскиот кадар во високото образование (nauka.mon.gov.mk) е да се создаде веб апликација кој ќе претставува јавен регистар на научници во Република Македонија. Главните функционалности кои ги има системот овозможуваат соработка со истражувачите од високообразовните и научните установи кои имаат можност да ги презентираат резултатите од научно-истражувачката работа на научниците во Република Македонија, кои воедно ќе бидат достапни на домашната и на меѓународната научна јавност, но и на пошироката јавност.

Додека, електронскиот „Систем за анализа и пронаоѓање на плагијати во трудови” овозможува лесно и ефикасно откривање на трудови кои во целост или во некој свој интегрален дел може претставуваат плагијати на веќе објавени, оценувани или презентирани трудови.

Во измените на Законот се предвидува рамка за објавување на наведените трудови во таа насока што Докторскиот труд задолжително мора да го внесе во базата за докторски трудов и менторот на докторскиот труд, најмалку 30 дена пред одбраната на докторскиот труд. Магистерскиот труд, односно специјалистичкиот стручен труд задолжително мора да го внесе во базата за проверка на плагијати менторот на магистерскиот, односно специјалистичкиот стручен труд, најмалку 30 дена пред одбраната на магистерскиот, односно специјалистичкиот стручен труд. Семинарската работа на студентот задолжително ја внесува во базата за проверка на плагијати наставникот по соодветниот наставен предмет, најмалку десет дена пред оценувањето на семинарската работа.

Начинот и формата на пополнување на овие дополнителни бази на податоци се предвидени со последната измена на Правилникот за начинот и постапката на водење бази на податоци за научно-истражувачката дејност.

Базата за докторски студии се води на порталот наука.мон.гов.мк и содржи податоци за: податоци за авторот на докторскиот труд и каде работи, установата на која е запишан авторот на докторскиот труд и темата на докторскиот труд и научното подрачје.

Базата за проверка на плагијати на магистерски трудови, специјалистички стручни трудови и семинарски работи се води електронски на веб порталот plagijati.gov.mk и се предвидува да содржи податоци за: податоци за авторот на трудот, односно семинарската работа, установата на која е запишан авторот на трудот, односно семинарската работа и темата на трудот, односно семинарската работа.

Воедно, со Меморандумот за соработка меѓу Министерство за образование и наука и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство е утврдена рамката во која се реализира соработката меѓу МОН и ФИНКИ за работи од заеднички интерес базирани на искористувањето на научно-стручните и професионалните услови насочени кон унапредувањето на едукативните, истражувачките и апликативните активности од областа на информатичките науки и компјутерското инженерство и како една од активностите се дефинира и изработката на отворен софтверски систем за пријавување на плагијати од страна на сите заинтересирани лица кои сметаат дека одредени трудови кои во целост или во некој свој интегрален дел може претставуваат плагијати на веќе објавени, оценувани или презентирани трудови да ги пријават во овој систем.

OhridNews
извор:„Макфакс“