Пријавувањето на приходите се врши во надлежната даночна канцеларија во местото каде се наоѓа имотот кој се издава, со поднесување на даночна пријава (образец “ПДД-АДП/ПИ“) во рок од 15 дена од денот на започнувањето на остварувањето на приходите.
За неподнесување на даночна пријава во пропишаниот рок, законот предвидува глоба за сторен прекршок од 500 до 1.000 евра, во денарска противвредност.
При пресметување на персоналниот данок за овој вид на приходи, за граѓанинот се предвидени и даночни олеснувања, односно висината на трошоците за кои може да се намали неговиот остварен приход изнесува: 25% од висината на приходот при издавање под закуп на неопремени станбени и деловни простории; 30% од висината на приходот при издавање под закуп на опремени станбени и деловни простории; или остварните трошоци – документирано докажани (по барање на обврзникот).
Од УЈП напоменуваат и дека задолжително е да се регистрира сезонската работа.
– Граѓаните кои сезонски и повремено се занимаваат со продажба на гевреци, крофни, пуканки, пченка… на отворени простори, или пак, изнајмуваат детски реквизити од забавен карактер, педалинки, чамци, глисери, скутери, чадори, лежалки, доколку не се регистрирани како даночни обврзници, задолжително треба да ја пријават својата дејност , односно да поднесат образец “УЈП-РДО/ВК“, информираат од УЈП.