Како што информираат од Јавното претпријатие „Градски гробишта“ од страна на Управата за јавни приходи блокирана е жиро- сметката на претпријатието како резултат на претходно извршени контроли.

Даночните инспектори извршиле контрола во периодот март- април годинава, која се  однесувала на Данокот за додадена вредност.

–    Контролата немаше забелешка на финансиската евиденција на ДДВ,  освен во делот на фактурирање на еднократниот надоместок за користење на гробно место. Имено во нашата евиденција ние се повикуваме на член 23 точка 18 од Законот за ДДВ, согласно кој се ослободуваат од данок на додадена вредност: услуги на погребални институции и крематориуми, како и прометот на добра поврзан со ваквите услуги.     Според поглавје 54 од Упаството за примена на Законот за ДДВ, услугите на погребалните институции и крематориумите , кои се непосредно поврзани со погребувањето или кремирање се ослободени од данок, потенцираат од јавното претпријатие.

 Оттаму додаваат дека во конкретниот случај исполнети се сите услови за примена на  оваа одредба затоа што: доделувањето на гробно место е непосреден услов и е непосредно поврзано со погребувањето, бидејќи без гробно место нема погреб и дека надоместокот за доделување на гробно место е еднократен и е врзан со доделувањето на гробно место за погреб.

–    Според ова сметаме дека правилно сме постапиле применувајќи го член 23 став 1 точка 18 од ЗДДВ при наплата на еднократниот надоместок за доделување на гробно место. Додека инспекцијата смета дека старателот на гробното место (блиски лица на починатото лице), доделеното гробно место го користи и после посмртните останки на починатото лице и овие услуги се предмет на оданочување со ДДВ. Оваа констатација не одговара на фактичката состојба затоа што гробното место е наменето за погребување а не за други работи. Неспорен  фактот дека гробното место е исклучиво наменето за погребување и претставува прв услов за да се изврши погребување, велат од ЈП Градски гробишта.

За контролираниот период од 01.01.2011 до 31.12.2011 за вкупен промет од 8.833.610 ден. пресметан бил ДДВ од 1.347.500 ден.  Во меѓувреме пристигнато е и решение од УЈП за присилна наплата од парични средства со што сметката на ЈП Градски Гробишта-Охрид е блокирана и е оневозможено нормалното функционирање на претпријатието, кое е  од јавен карактер и интерес на граѓаните.

–    Повредено е начелото на законитост. Имено УЈП е должна да ги утврдува сите факти кои се битни за донесување на законити одлуки,  притоа да ги има во предвид и фактите кои се во прилог, но  и оние кои се  на штета на даночниот обврзник. Уставно начело е владеење на правото и доколку сакаме да веруваме во правна држава и почитување и владеење на правото тогаш ваквото постапување не оди во прилог  на ова начело, туку напротив создава правна несигурност, велат од јавното претпријатие.
  
Оттаму информираат дека изготвувањето на нацрт-записникот од извршената контрола, побарано е мислење од Министерството за финансии-сектор даноци за тоа дали лицата кои засноваат право на употреба на гробно место како лична службеност треба да плаќа ДДВ, но до денес одговор не бил добиен. Во тек е  Управен спор со УЈП од кој претпријатието очекува позитивен исход.

–    На 16.07.2012 започната е нова контрола на работењето на претпријатието од страна на УЈП со цел од должниците на претпријатието да се наплатат нашите наводни “обврски” за ДДВ. Тука напоменуваме дека побарувањата што ги имаме се исклучиво од физички лица по основ на Гробарина и Гробни места. Нека очекуваат  8000 граѓани-носители на право на употреба на гробно место, дека УЈП ќе побара од нив да наплати во наше име.  Оставаме УЈП да одлучи од кои  1000 граѓани ќе изврши побарување на нашите обврски, потенцираат од ЈП Градски гробишта.

OhridNews