Граѓаните кои се занимаваат со земјоделство како основна или дополнителна дејност и кои оствариле приход до 1.300.000 денари во 2014 година, до 31 јануари можат да се регистрираат и пријават во УЈП за паушално оданочување со персонален данок.

Како што информира Управата за јавни приходи, неопходно е да се поднесат – Пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност (образец “УЈП-РДО/З“) и Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“).

Доколку овие граѓани се веќе регистрирани како обврзници кои остваруваат приходи од земјоделска дејност, треба да поднесат само Барање за паушално оданочување.

УЈП потсетува и дека регистрираните земјоделци, треба да ги пријават сите промени во податоците.

– Доколку имате промени само во личните податоци (адреса , телефон и е-пошта), во тој случај промената на регистрационите податоци можете да ја пријавите со користење на услугата е-Промена на податоци, со повикување на бесплатната инфо линија 0800 33 000. Доколку пак, имате промени во податоците за работна активност, податоци за членовите на Семејно земјоделско стопанство (СЗС), трансакциска сметка…должни сте да поднесете нова Пријава за регистрација (образец “УЈП-РДО/З”) заради ажурирање на вашите податоци во Регистарот на УЈП, информира Управата.

OhridNews