Со свеченото отворање што ќе се одржи на 21 јуни во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани, започнува 14-тата Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања 2025“ – културен настан со меѓународна препознатливост што ги обединува уметноста, пријателството и солидарноста.

Годинава, во текот на 10 дена, од 21 јуни до 1 јули, Вевчани ќе биде домаќин на 22 уметници од Македонија, Србија, Словенија, Грција, Велика Британија, САД и Франција. Свечениот почеток ќе биде проследен со концерт на познатите „Нокаут“ и „Брејк“, а вечерта ќе биде збогатена и со аукција и добротворна акција за поддршка на засегнатите од пожарот во Кочани.

Во рамки на колонијата, ќе се реализира и посебен проект за млади таленти во соработка со Шпаркасе банка, како дел од нивната платформа „Шпаркасе Лајф“, која преку уметноста ги поврзува образованието, солидарноста и општествената одговорност.

Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам и се одржува под мотото: „Уметност. Солидарност. Заедништво.“

Во изминатите 14 години, „Вевчански видувања“ израсна во најеминентната ликовна колонија во државата, а и пошироко во регионот. Низ неа поминале повеќе од 200 афирмирани сликари од сите светски меридијани, чија инспирација произлегла токму од духовноста и природната убавина на Вевчани. Делата создадени на колонијата биле изложени на бројни континенти – од европските културни центри како Софија, Белград и Подгорица до далечни изложбени простори во САД-Њујорк , Франција-Париз и Русија-Москва , претставувајќи ја уметноста како универзален јазик на поврзување меѓу луѓето и народите.

OhridNews