14 смарт табли за подобрување и модернизирање на процесот на образование од денес се поставуваат во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, а во тек се и активности за подобрување на условите за лицата со посебни потреби и инвалидитет кои посетуваат или ќе посетуваат настава во ова училиште.

Со несмалено темпо се движиме кон унапредување и модернизирање на наставата во нашиот центар со тоа што ги подобруваме условите, истакна директорот на училиштето Сашо Недески.

Денес започнавме со монтирање на 14 смарт табли скоро во сите училници, со тоа се модернизира воспитно-образовниот и наставниот процес. Во месец август ќе бидат организирани обуки за професорите за користење на смарт таблите по сите предмети. Таблите ќе овозможат полесно да се стигнува до информации, податоци, корисни линкови кои се употребливи дирекно на самиот наставен час и мислам дека учениците многу полесно ќе ја прифатат информацијата визуелно преку презентации на истите. При тоа се грижиме и за учениците со посебни потреби преку проект со грант од Европска Унија во фаза на реализација е и изградба на надворешен лифт за ученици со посебни потреби и два тоалета за овие лица, вели Недески.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков кој денес беше во посета на училиштето истакна дека како што напредува технологијата така треба да се опремуваат училиштата, а локалната самоуправа ќе продолжат со поддршка во насока на подобрување на условите, но и образованието општо.

Ова училиште неколку години наназад драстично го промени својот изглед и содржините кои ги има. Сите оние позитивни промени кои се случуваат ги поддржуваме и секако сакаме да учествуваме и да бидеме дел од се тоа што ќе значи подобрување на условите на учениците и во самото образование, генерално. Училиштето е успешен пример кој треба да се следи, а ние како локална самоуправа докажавме доста, посебно во овие неколку месеци, како и на кој начин сакаме и можеме да вложуваме во самото образование. Тековно ќе имаме уште новитети, опремување, нови проекти, менување на изгледот на средните училишта, односно реновирање и прилагодување со потребите на учениците. Со Секторот за образование се работи и на проект за тековни раздолжувања на образованието во Охрид, рече Пецаков.

Воедно градоначалникот потенцираше дека еден од најзаслужните за напредокот кое ова училиштето го има е токму директорот за што одлучил и мандатот да го задржи, бидејќи, како што рече, се тоа што е успешно треба да се почитува.

Целокупната инвестиција за 14 интерактивни табли и LCD проектори е во вредност од 1 100 000 денари и е обезбедена преку Секторот за образование на Општина Охрид.

Н.С.Ј.