Наместо да се зачува автентичноста на природното и културно наследство, заштитените подрачја се оптоваруваат со градби десетина пати поголеми од оригиналните со што тие ја губат нивната вредност, предупредуваат експертите. УНЕСКО изрази загриженост за реалаизацијата на големи проекти во строго заштитените зони во Охрид. Се најавува доаѓање на ескперти на оваа организација во Македонија со цел одблиску да се запознаат со состојбите во градот кој е прогласен за светско природно и културно наследство.
Непочитувањето на стандарите за заштита на културното и природното богатство сериозно може да го загрозии статусот на вредностите кои се прогласени за светско наследство, предупредуваат експертите. Според нив новите големи објекти кои се градат на Плаошник, може значително да ја намалат автентичната вредност на просторот.
– Воопшто имаме погрешен принцип на почитување на културното наследство. Во светот е многу ригорозно тоа, ако е заштитено од УНЕСКО значи немој да го гибаш, мора се да остане како што е. Ние многу објекти, најпознатите во Македонија, ги зачувуваме така што градиме нови, десет пати поголеми покрај нив.-вели проф. Никос Чаушидис.
Плаошник
Загриженост за состојбите во Охрид изрази и УНЕСКО. Најавено е доаѓање на експерти на светската организација во Охрид за одблиску да се запознаат со проектите кои се изведуваат или се предвидуваат во заштитените зони, како Плаошник и крајбрежјето на Охридското Езеро кај Љубаништа каде индискиот бизнисмен Субрата Рој сака да гради луксузен туристички комплекс. Од националната комисија на УНЕСКО уверуваат дека статусот на Охрид како светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО не е загрозен. Според нив најавената посета на претставници на светската организација на Охрид е информативна и е дел од континуираната соработка со надлежните државни институции кои редовно комунициираат со централата на УНЕСКО.
-И околу Плаошник и околу Љубаништа разменети се повеќе писма, интересот постои и заклучено е се што ќе се случи како промена да се изврши во координација на државата со УНЕСКО. Секогаш има простор негативно да се наруши еден природен и културен амбиент со човечки активности кои не одговараат на тој амбиент. Но сеега за сега мисијата на УНЕСКО не оди во правец дека нешто е загрозено, туку оди во правец да се запознае што точно се случува на лице место и нормално за тоа да изготви извештај.- изјави Дејан Пановски, член на националната комисија на УНЕСКО.
Дејан Пановски
Пановски укажува дека примарна треба да биде заштитата на Охридското Езеро и дека тука не треба да има никаков компромис, затоа што без него Охрид ќе ги загуби сите свои вредности.
-Езерото е приоритет и мора да биде заштитено како еко систем и тука не би требало да има компромис со ниту едно друго прашање, затоа што да не беше езерото ниту ќе разговаравме за култура, ниту за УНЕСКО, ниту за некаков атрактивен простор, истакна Пановски.
Според Пановски приоритет на Охрид треба да биде зачувувањето на статусот на УНЕСКО како универзална вредност која на градот долгорочно ќе му донесе повеќе туристи, проекти и средства од меѓународни фондации и економски развој.
Горан Момироски