По повеќе од еден милениум, на словенски јазици зборуваат повеќе од 315 милиони луѓе во централна и источна Европа и во северна Азија. Словенските заедно со блатичките јазици ја сочинуваат балтословенската гранка индоевропски јазици. Таа се дели на три подгрупи, според територијалната определба – западнословенските, источнословенските и јужнословенски (словенечки, српски, хрватски, бошњачки, црногорски, буњевачки и македонски јазик).
Најстариот балкански датиран кирилски споменик е натписот на цар Самуил (976-1014) од 993 година, најден во селото Гарман близу Преспанското Езеро, во Егејска Македонија.
Кирил (околу 827, умрел на 14.02.869 во Рим) и Методиј (околу 825, умрел на 6 април 885 во Моравија) се браќа родум од Солун, кој во тоа време бил опкружен со Словени. Родени се во семејство на византискиот воен заповедник Лав. Биле учени луѓе и имале висока положба во општеството. Кирил бил учител по фолозофија и библиотекар во црквата „Св. Софија“ во Цариград, а Методиј бил државен чиновник. По желба на царот Михаил Трети, прво го прифатиле повикот на бугарскиот цар Каган да проповедаат христијанство во јужна Русија и потоа на молба на моравскиот кнез Ростислав, ги преобратиле во христијани подунавските Словени. Така извршиле големо влијание на нивниот културен развој.
Како монаси мисионерската работа ја почнале во Моравија во 863 година и за подвигот сериозно се подготвувале. Прво составиле словенска азбука – глаголица од 38 букви. Како талентирани филолози, од грчки јазик ги превеле светите списи на јазикот на македонските Словени, со што го создале првиот словенски книжевен јазик и станале татковци на словенската писменост. Поради противењето на германското свештенство на нивната работа во 868 година заминале во Рим да бараат дозвола за употреба на словенската литургија. Таму Кирил умрел. Погребан е во црквата „Св. Климент“, додека папата го поставил Методиј за панонски и моравски архиепископ. Со тоа не престанале тешкотиите на неговото дејствување.