Музичката програма на годинешното 66. издание на „Охридско лето“ продолжува со Унгарската вечер и со целовечерниот концерт на кларинетистката Ноеми Салаи и пијанистката Александра Балог во црквата Света Софија со почеток во 21 часот.

Салаи е добитничка на повеќе меѓународни награди, а во периодот од 2018 до 2020 година била единствената кларинетистка избрана за престижната програма „Ансамбл конект“ на „Карнеги Хол“. Настапувала со Унгарскиот фестивалски оркестар под диригентство на Иван Фишер, како и со повеќе реномирани ансамбли во САД и Европа. Дипломирала на колеџот „Бард“, а магистрирала на „Џулијард“ во Њујорк.
Балог е победничка на Меѓународниот натпревар за пијанисти „Бела Барток“ во Грац во 2017 година, добитничка на „Фулбрајт“ стипендија и на наградата „Прима“ за млади уметници во Унгарија. Во 2024 година беше вброена на листата „30 под 30“ на „Форбс“ – Унгарија.
Како солист настапувала во престижни концертни сали, меѓу кои „Карнеги Хол“ во Њујорк, салата на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“ и Центарот за уметности во Мексико Сити. Во текот на оваа концертната сезона ќе настапи и во Париз, Лондон, Токио, Сингапур, Пекинг и Шангај.
Балог е основач и уметнички директор на Уметничкиот колектив „Аталена“, кој обединува млади музичари од различни земји и организира фестивали, академии и мајсторски курсеви во Унгарија и Италија.
OhridNews










