Туристичките водичи од Македонија во иднина ќе може активно да работат во земјите на ЕУ, а не како досега за посета на некоја западноевропска земја туристите да плаќаат локален туристички водич. За да добијат лиценца, туристичките водичи ќе треба да полагаат и практичен дел, а не само теорија како што беше досега. Практичниот дел од испитот подразбира симулација на водење група туристи и кандидатот ќе го полага најмалку 75 дена по неговото пријавување за обука на факултетот. Полага пред комисија, на јазик по свој избор – може на македонски или на кој било светски јазик.
Ова го предвидуваат новините во наставната програма за стручен испит за стекнување звање туристички водич, за која од министерството за образование велат дека е ревидирана и унапредена. Програмата ја утврдија Министерството за образование и наука, двата државни факултета за туризам, во Охрид и во Штип, Стопанската комора на Македонија и Здружението на туристичките водичи, информираат од министерството за образование. Од министерството потенцираат дека новините се во согласност со стандардите во Европа, а се преземени и искуства од Хрватска и Црна Гора, како развиени туристички земји во регионот.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека со подигањето на стандардите и критериумите во оваа дејност ќе се зголеми и конкуренцијата, а и интересот на тие што сакаат да бидат туристички водичи.
Утврдено е обуката да опфаќа 610 часа од по 60 минути, дефиниран е бројот на часови за секој одделен предмет, методите, демонстрација, контрола од инструктор, услови за пријавување на кандидатите, цената, сертификатот и легитамацијата за туристички водич итн..
Унифицирана е и цената што треба да ја уплати кандидатот за туристички водич и таа ќе биде 15.000 денари. Досега за цената одлучуваше самиот факултет. Првиот уписен рок ќе биде во јуни, а вториот, веројатно, во октомври.
OhridNews