Вчеравечер во предворјето на црквата „Св. Софија“ започна „Охрид џез фестивал 2025“. Првата вечер донесе вистинска магија со настапот на Чалгија Саунд Систем, кои ја споија традицијата со џезот и ја воодушевија охридската публика.

Во уникатниот простор на предворјето на црквата „Света Софија“ многубројната публика имаше можност да ужива во прекрасна комбинација на традиционални мотиви и современ џез.

Вечерва Фестивалот носи елеганција и магија со Павле Камилоски и неговиот класичен џез.

Подгответе се за вечер исполнета со страст, емоција и врвен музички доживувај!, велат организаторите.

Настапот е закажан во 20:30 часот во предворје на црквата „Св. Софија“, а влезот е бесплатен.

Финалната вечер, утревечер, носи вистински меѓународен џез спектакл со Томи Пуриќ и Balkan Jazz Group. Гости на финалниот концерт на овогодинешниот „Охрид џез фестивал“ ќе бидат Ѓоко Алоски (труба) и Наум Џуклески (храмоника).

Дојдете да го почувствуваме џезот што ги спојува културите и границите ги прави невидливи. Експлозија од ритам, хармонија и енергија што ќе ја заокружи оваа уникатна музичка приказна, ветуваат организаторите.

Концертот ќе се одржи со почеток во 20:30 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“.

„Охрид џез фестивал 2025“ е во организација на Општина Охрид со цел збогатување на туристичката понуда со квалитетни настани и манифестации.

Н.С.Ј.