Голем број од дрвените и бетонски клупи на градскиот кеј не можат да се користат за намената за која се поставени. Причината е што се уништени-дел поради дотраеност, а дел поради несовесно однесување на поединци.

И додека се чека долго најавуваниот проект за санација на кејот, неговиот изглед е далеку од оној кој му доликува на еден познат туристички центар, за што дополнително придонесуваат и на места искршените бекатон плочки.

Голем број од граѓаните сметаат дека оштетените делови од кејот мора што поскоро да се санираат затоа што ни претстојат празници кога во градот се очекуваат голем број туристи, а уште некој месец не дели и од главната туристичка сезона.

Од локалната самоуправа со осуда за несовесното однесување на поединци кои довеле до оштетување на клупите за седење. Најавуваат дека од страна на Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици, оштетувањата ќе бидат отстранети.

Според првичните најави реализацијата на проектот за реконструкција на кејот  требаше да започне минатата година. Но, првиот распишан тендер од страна на локалната самоуправа пропадна, по што беше распишан нов тендер. Детали околу реконструкцијата и најавениот нов лик на кејот не се објавуваа, освен дека   во новиот јавен повик финасиската конструкција на проектот изнесува 1,2 милиони евра и дека рокот на изградба е 15 месеци.

Т.К.