Вчеравечер беше отворена самостојната изложба „Муренките црници во изумирање во Радожда“ на академскиот сликар Славко Упевче. Испратена силна порака за грижата односно негрижата кон природното богатство, за изумирање на традицијата со која се негувала посебна почит кон муренката во Радожда.

Mуренките ќе рече Упевче му биле инспирација уште пред 50-тина години кога првпат бил во селото Радожда кое тогаш било преполно со муренки црници.

Постарите генерации имале посебен однос и пиетет кон муренките, бидејќи со кората на муренките се лечеле многу болести велат мешаните во Радожда низ разговор. Тоа е единствено дрво кое не го напаѓа ниту еден инсект. Значи муренката како извор на плод и како дрво кое ја дава свилената буба е навистина жалосно што во Радожда останува во се помал и помал број. Тоа е одраз на големата урбанизација, асфалтирање и нови градби. Се губи почитта која ја имале старите генерации кон ова дрво, вели Упевче.

Низ сликите може да се заблежи дека е покажана и грижата на мешаните за муренките, да се одржат во живот на начин што ги потпирале гранките кои биле суви или на кои им отежнал плодот да не паднат, да се скршат.

Овој предел е многу убав и би требало да е атракција, а не за жал да се фрла отпад околу муренките во Радожда што го констатирав од моето последно одење таму. Жителите, пак, на Радожда и претседателот на Месната заедница велат според сегашната ситуација за жал за неколку години муренката од Радожда ќе остане само на моите слики. Дури ми пратија и фотографија каква е сега муренката што сум ја сликал пред 20-тина година и жална е ситуацијата. Оваа ситуација говори дека немаме однос, се е анархија, немаме почитувачи на ова наше народно богатство и немаме продолжувачи на традицијата, како што тоа го правеле во минатото да се грижат за истите да не дозволуваат гранките да се кршат, плодовите да се собираат да се прави ракија. Муренката веќе како да е еден стар човек, изнемоштен, пуштен да си оди, додава Упевче.

Инаку на изложбата се поставени 30 дела работени во повеќе ликовни техники (сув пастел, акварел, туш и масло на платно). Таа е поддржана од Министерството за култура како проект од национален интерес.

„Муренките црници во изумирање во Радожда“

Љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја погледат изложбата до 21 јули во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

OhridNews