Охриѓани секојдневно се соочуват со низа проблеми кои ја загрозуваат нивната безбедност во сообраќајот. Меѓу недостатоците по охридските улици за кои многумина реагираат, се несоодветно паркираните возила по тротоарите, односно поставената урбана опрема на пешачките зони во градот.

Граѓаните со допис до OhridNews се пожалија дека ограничено е безбедното движење на пешаците и во центарот на градот, на потегот покрај езерото.

Сакам да го изразам моето незадоволство кое тлее повеќе години наназад уште во времето кога со малечки деца морав да се движам по сообраќајната лента, додека возачите на моторни возила звучно ме опоменуваа за нивното доаѓање. Моравме да се движиме по коловоз бидејќи тротоарите беа зафатени со маси и столици. Еве и ден денес ситуацијата воопшто не е сменета. Секојдневно, во тек на целата година е загрозена безбедноста на пешаците кои секојдневно се движат по сообраќајна лента бидејќи тротоарот е зафатен. Тоа се граѓани и деца на град Охрид и многубројни туристи кои упатувајќи се во посета на спомениците на културата и кафулињата во старото градско јадро, наидуваат на проблеми од доменот на слободата и безбедноста при движење.“ – велат охриѓани со допис до OhridNews.

Граѓаните реагираат дека со зафаќањето на пешачките зони со урбана опрема се отежнува движењето и на возачите на моторни возила и велосипедистите.

Возачите на моторни возила и велосипедистите исто така имаат потешкотии при движењето, бидејќи коловозната лента е полна со пешаци чија безбедност е повторно загрозена, а исто така и со паркирани возила вон зоната на платен паркинг. Посебно во летните месеци овој потег е „тесно грло“ и за возачите и за пешаците, додека долж тротоарот некој спокојно си пие кафе.“ – реагираат охриѓани.

Граѓаните бараат надлежните институции да ја преиспитаат одлуката за поставување урбана опрема на пешачки зони.

„Институциите да разгледаат друга можност за угостителски те објекти да  ја постават својата урбана опрема на површина која не е јавна, со што не би се нарушила безбедноста на пешаците.– се наведува во дописот.

Од локалната самоуправа информираат дека Советот на општина Охрид при донесување на Програмата за поставување опрема пред угостителските објекти, внимавал да не се нарушува нормалното движење на пешаците. Опремата која е поставена на јавни површини во центарот на градот, кејот и покрај езерот е дел од програмата и за неа е издадено одобрение за поставување на урбана опрема.  – велат од локалната самоуправа.

Оттаму потенцираат дека против сите оние физички и правни лица кои ќе постават урбана опрема без одобрение, ќе бидат преземени законски мерки.

Против сите оние кои ќе постават урбана опрема без одобрение, инспекциските служби ќе ги преземат законски предвидените мерки и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.“  – велат од општина Охрид.

O.T.