Дебарско – кичевската епархија, ќе мора согласно закон да го врши уредувањето на манастирскиот комплекс Св. Наум. Надлежните инспекциски служби воочиле одредени неправилности и недоследности во процедурите неопходни за изведба на градежни зафати, поради што Локалната самоуправа реагирала до Дебарско – кичевската епархија. Оттаму очекуваат црквата да постапи по забелешките.
„ Општина Охрид во согласност со своите законски овластувања презеде одредени дејствија во однос на градежните работи во манастирскиот комплекс во Св. Наум и се очекува од Дебарско-кичевската епархија да постапи согласно нив.
Општина Охрид е свесна за значењето што манастирскиот комплекс го има како духовна, историска и туристичка вредност и затоа во своите постапувања се труди да ги запази законските норми и коректните релации со Дебарско-кичевската епархија, а сите проблеми да бидат надминати во рамките на институциите на системот. Согласно ваквиот став, ние сме убедени дека во најскоро време, одредени пропусти во постапката ќе бидат надминати и активностите околу урбаното уредување на просторот во делот од манастирскито комлекс ќе продолжат без натамошни непријатности.
Светоста на манастирскиот комлекс не обврзува сите нас да бидеме внимателни во постапките и во јавно изнесените ставови, без непотребно подгревање на атмосферата во јавноста за рационално да се донесат законски издржани решенија.“ – стои во информацијата на Локалната самоуправа.
Како што пред месец и половина пишуваше OhridNews, на влезот од манстирскиот комплекс изградена е порта, а во внатрешност во тек е хортикултурно уредување на просторот, изграден е јавен тоалет, а старите тезги се заменети со типизирани куќички. Останува да се види што се ќе мора да корегира црквата во уредувањето на својот имот, кој по долги години и беше вратен со процесот на денационализација.
OhridNews