Согласно измените на Законот за даночна постапка донесени уште во месец Јули оваа година, се предвидува сите месечни ДДВ обврзници, почнувајќи од 1 јануари 2013 година, своите ДДВ-пријави и даночни биланси за данокот на добивка задолжително да ги поднесуваат до УЈП по електронски пат преку системот е-Даноци.
Инаку, постапката за регистрација за електронско поднесување на даночни пријави е едноставна и трае 10 минути. За да можат фирмите да се регистрираат и да ги користат електронските даночни услуги, треба да поседуваат Интернет, е-Пошта, како и Дигитален сертификат на УСБ токен кој е издаден од некоја од овластените куќи: Македонски Телеком или КИБС.
Доколку фирмите навремено не се прилагодат на новините за електронско пријавување на данок, постои ризик да не можат да го користат системот е-Даноци, а со тоа и да не бидат во состојба навремено да поднесат даночна пријава и да пријават данок од 1 јануари. Потсетуваме дека законот предвидува високи казни – за неподнесување, односно ненавременото поднесување на даночна пријава во законски предвидениот рок предвидена е глоба која достигнува до 3500 евра во денарска противредност.