Уште четири дена до завршување на крајниот рок за пријавување на повикот на министерството за труд и социјална политика за Проектот за користење услуга за бесплатен одмор и рекреација на вкупно 2000 деца од семејства во социјален ризик и  корисници на посебен детски додаток.

Сите заинтересирани родители коишто користат социјална парична помош, постојана парична помош и посебен додаток можат да аплицираат за користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација за своите деца. Бесплатен летен одмор ќе користат и децата без родители и родителска грижа родени во период од 1999 до 2003 година, односно деца – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2013/2014 година.   Услугата ќе се користи во текот на летниот распуст во смени од по 7 дена, почнувајќи од 1 јули 2014 година во сместувачките центри на Охридското езеро. Бесплатниот одмор и рекреација за деца опфаќа 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно) и едукативни, забавни и спортски активности. Децата со пречки во развојот корисници на посебен додаток имаат право на придружник за време на одморот.

Сите заинтересирани потребно е да се обратат и да поднесат барање до надлежниот Центар за социјална работа според местото на живеење до 27.6. 2014 година, од каде што ќе бидат информирани за користење на услугата. Детални информации можат да се добијат и на интернет страната на министерството.

Досега вкупно 6000 дечиња посетиле бесплатен летен и зимски одмор, односно 4.000 дечиња имаа можност да заминат на бесплатен летен одмор, а 2.000  деца на бесплатен зимски одмор.

OhridNews