На огласот за прием на генијалци за советничко место во кабинетот на министерот за здравство Никола Тодоров, се пријавиле уште двајца граѓани со коефициент на интелигенција над 140, изјави ресорниот министер.
– Едната е од Македонец којшто живее и работи во САД. Тој аплицираше и неговиот коефициент на интелигенција е 168. Исто така, имаме и втора апликација на Македонка која живее во Македонија, со коефициент на интелигенција од 170. Далеку е од смешно, ова е доказ дека Македонија има висок интелектуален потенцијал што треба да се искористи, изјави вчера министерот Тодоров по Првата конференција за развој на здравствениот туризам, што се одржа на Скопски саем.
Во изјавата за медиумите Тодоров истакна дека огласот останува важечки се додека не се пријават доволен број советници со коефициент на интелегенција над 140. Тодоров смета дека огласот не само што не е смешен, вели, туку е исклучително сериозен бидејќи е во интерес на државата.
-Нема тука ништо чудно, ниту пак смешно. Ова е обид да се ангажират луѓе кои можат да помогнат. Македонија има луѓе со коефициент 170, па многу потрагично би било тие да не се користат, рече министерот.
Запрашан кој е коефициентот на неговата интелигенција Тодоров истакна дека се погрешни таквите паралели.
-Ние не сакаме да создадеме систем во кој најинтелегентните владеат .Сакаме да ангажираме лица кои потоа ќе бидат дел од комитетот за сложени анализи, изјави Тодоров.