Македонската гранична полиција евидентирала нов случај на оштетување на возило, пријавено од страна на македонски државјанин кој престојувал во Грција, со што бројот на вакви инциденти летово се искачина 60.

На Граничниот премин “Богородица“, жител од Скопје, кој управувал со патничко моторно возило “Киа”, со скопски регистарски ознаки, пријавил дека во местото Неа Врасна му била изгребана левата страна од возилото по целата должина. Оштетувањето не било пријавено во грчката полиција.

Со овој новорегистриран случај, во изминатиот период од страна  на нашата гранична полиција биле регистрирани вкупно 60 оштетувања на возила и одземања на регистарски ознаки. Од пријавените оштетувања од страна на македонските државјани, 40 се кражби на регистарски таблички, од кои во 28 случаи на возилата им биле украдени обете таблички. Во однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега порасна на 20 случаи.

Од сите случаи, 36 биле пријавени и на грчката полиција ,но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Бројот на лица од Скопје кои пријавиле кражба на регистарски таблички или оштетување на моторно возило и натаму предничи и изнесува 31, а останатите пријави се на лица од други места од државава.