Низа музички настани и бројни културни манифестации ја одбележаа оваа туристичка сезона, која полека изминува зад Охрид. Граѓаните со поделени мислења и ставови околу тоа, колку сите овие новитети придонесоа за привлекување на туристи крај ривиеарата и дали надлежните се подготвени да ја направат завршната „пресметка“ за тоа колку оваа сезона е успешна за разлика од минатата.
Едни сметаат дека се уште е рано да се направи ваква анализа, бидејќи туристичката сезона во Охрид се уште не е завршена. Според Димитри Пендовски, од еснафот на угостители и сопственик на познатиот ресторан „Св. Софија“, во градот се присутни голем број на странски туристи од Грција, Турција и Холандија, а во периодот кој претстои не очекуваат бројни семинари и конгреси.
„Сега ќе започне семинарскиот туризам, а во моментов во градот има доста гости од Грција, Турција и Холандија кои се уште престојуваат во Охрид. Една комплетна анализа може да се направи кон крајот на октомври, а ако сите си зададеме задача како да ја продолжиме сезоната за барем пет дена, за 10 години таа би била сосема голема.“ – вели Пендовски.
Тој смета дека оваа година Охрид го посетиле доволен број на странски туристи, од кои најголемиот број биле задоволни од понудата и квалитетот кои ги нудат туристичките и угостителските работници. Пендовски истакнува дека во моментов во старото охридско јадро, сместувачките капацитети се исполнети околу 80 отсто.
„Квалитетот на туристите е пристоен, бидејќи години наназад имавме посиромашни странски гости. Многу е важно што истите се задоволни од целокупните капацитети со кои градот располага. Во годините кои претстојат, мораме да посветиме повеќе внимание на квалитетот. Потребно е отворање на квалитетни објекти кои што се и во интерес на самите граѓани. Позитивно е тоа што оваа сезона, колку-толку беше намален бројот на диви тезги и скари. Потребно е да се стимулира отворање на мали хотелчина кои се флексибилни и можат да се прилагодат на моменталниот амбиент, а самото тоа повлекува отворање на ресторани и други угостителски објекти од кои профит ќе имаат сите.“ – додава Пендовски.
Пендовски потенцира дека надлежните мора да изнајдат начин да направат добра програма и низа настани за празниците во текот на зимата, како туристичката сезона би се продолжила и во оној „мртов“ период од годината.
„Како пример нека послужи Здужението Богојавление-Водици кое успеа во зимскиот период да направи една добра програма и рекламна кампања со цел привлекување на странски туристи. Мора да се изнајдат неколку празници од октомври до март, како би можеле да ја развлечеме сезоната. За другите работи, се надевам дека и државата ќе вложи напори во оној нејзин дел, како што е подобрување на патната инфраструктура, а локалната ќе го спроведе она што го има ветено и од година ќе имаме подбри резултати.“ – потеницра Пендовски.
Дуќанџиите од охридската чаршија велат дека прометот кој го остваруваат во текот на денот, од година до година се намалува за околу 30 отсто.
„Според анализите кои ги правев за периодот од јуни до август месец, оваа година во односн на ланската имаме помал промет за некој 30-тина проценти. По некое непишано правило, од 2007-ма до денес се помалку остварува приходи, односно секоја година бележиме намалување во однос на претходната. Како стар охриѓанец немам приметено некој новитет кој беше применет ова лето во однос со ланското. Се е како некој шаблон, а некако не сме свесни дека тој начин на работа не дава резултатит. Потребно е голема промоција на туристичките саеми вон земјава, печатење на пропаганден материјал, создавање веб-портали со слики од природните убавини, хотели, храна, специјалитети и целокупниот амбиент. Тие работи му недостасуваат на Охрид, со чест на исклучоците кои веќе ги применуваат.“ – вели стариот охридски мајстор Климент Талев.
Талев смета дека идната година со помош од градоначалникот Бакрачески и локалните власти, ќе се изнајде решение за враќање на стариот блесок во старата охридска чаршија во текот на сезоната.
„Верувам дека после сите негови напори ќе успее во неговата замисла. Му пожелувам успех, бидејќи Охрид е Мека и Медина во туризмот, една античка целосно неиспитана енциклопедија со своето минато, со она што ние како охриѓани се гордееме. Статитската кажува едно, но ние кои сме дел и живееме во чаршијата знаеме точно колку туристи оттука поминале. Кај мене, мерило е мојот промет, но и прометот на целата охридска чаршија.“ – додава Талев.
Од Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, летната туристичка сезона ја оценуваат како позитивна. Како што истакнува Ѓоко Апостолов, раководител на ТЛЕР при локалната самоуправа,во предвид се земени сите конститутивни елементи кои можат да дадат една оценка за ваква комплексна анализа.
„Имајќи го предвид краткиот период кој го имавме да ги подготвиме сите оние новитети од локалната самоуправа, но и лошите временски прилики и неприлики кои ги имавме во јуни и јули, сезоната можеме да ја оценеме како позитивна. Согласно статистичките податоци кои се водат за сезоната заклучно со месец јуни, со податоците на туристичкиот инспекторам и Одделението за финансии при локалната самоуправа, имаме 23 отсто зголемен борој на странски туристи и ноќевања, 2,6 отсто намалување кај домашните или вкупно 13,3 проценти зголемување на вкупниот број туристи во однос на минатата година. Аналогно на тоа, туристичката такса заклучно со јуни е за 29 отсто зголемена за разлика од минатата година.“ – вели Ѓоко Апостолов.
Тој потенцира дека една од карактеристиките за оценка на туристичката сезона во Охрид е имиџот на самиот град. Апостолов вели дека преку низата обемни активности кои ова лето беа преземени од надлежните институции, негативните појави кои во минатото беа карактеристични за градот се сведени на миниум.
„Имајќи во предвид она што изминатите години се случуваше и го рушеше имиџот на нашиот град, ние как локалната самоуправа преку ТЛЕР, имавме обемни активности со кои што се потрудивме оние лоши карактеристики да ги елиминараме или намалиме. Пред се тука се активности кои ги имавме заедно со туристичкиот инспекторат, пазарната инспекција и СВР Охрид во однос на сузбивањето на лошата појава на чекање гости и дивите посредници. Друга активност која ја презедовме беше обидот да го артикулираме однесувањето на поедини таксисити во однос на паушалното издавање на цени за таски превоз или нивната добра волја или неволја да превезат патници на пократки релации. Воведовме засилени инспекции и направивме активности во истакнување на ценвникот и лиценците на секој такси превозник. Реакциите се многу позитивни, пред се од корисниците на услугите и самите граѓани. Дел од овие активности директно или индиректно влијаат во генералниот имиџ на градот и оценувањето на туристичката сеозна.“ – вели Апостолов.
Тој додава дека локалната самоуправа заедно со ТЛЕР, уште отсега започнуваат со активности за следната летна сезона.
„Имајќи предвид дека турисичката сезона во Охрид не е само на лето и имаме доста гости и вон неа, уште отсега планираме што конкретно треба да се преземе за следната сезона да ја дочекаме што повеќе подготвени.“ -истакна Апостолов.
О.Т.