Уште една успешна година зад охридскиот Акцијашки клуб „Брег на младоста“. Бројни активности успешно беа реализирани во 2017 година, под мотото „Солидарност, хуманост, акцијаштво и волонтеризам“. Меѓу нив, и испраќањето на делегација на Игманскиот антифашистички марш во близина на Сараево, на кој учествуваа 20.000 луѓе.

– Ги презасадивме украдените садници во Спомен паркот на НОВ, под мотото „ Колку што тие можат да украдат ние можеме уште повеќе да засадиме“. Организиравме акција за чистење на просторот од Хидробиолошкиот завод до Свети Стефан. Со 15 наши членови ја поддржавме акцијата „Зелено Куманово“ и го органзииравме седумдневниот Меѓународен акцијашки камп, со учество на стотина акцијаши од сите екс ју републики. Имавме состанок на Сојузот на акцијаши, формиран на наша иницијатива, во кој членуваат клубови од Куманово, Скопје, Штип и од Прилеп, а се надеваме и од Тетово. И натаму ќе го шириме акцијаштвото. Има вкупно 40 здруженија во сите поранешни југословенски републики, потенцира Зоран Стевоски од АК „Брег на младоста“.

На денешната неформална средба на акцијашите со сите кои го поддржуваат реализирањето на нивните активности, присуствуваа младите акцијаши како и градоначалникот Јован Стојаноски.

– Општината е отворена за вас, слободно може да ги користите просториите во општината за одржување состаноци и други активности. Вас, на младите, ви должиме еден младински културен центар, во кој место ќе најдат сите вакви здруженија кои значеле за животот и историјата на Македонија. Ние планираме да воведеме официјално отпочнување на туристичката сезона, да ја почнеме со едно чистење на градот, кое ќе кулминира со едно класично акцијашко дружење, подвлече градоначалникот Стојаноски, кој од денес симболично стана член на акцијашкиот клуб „Брег на младоста“.

Од клубот „Брег на младоста“ и за тековната година најавуваат бројни активности.

OhridNews