За потребите на хируршкото одделение во Општата болница – Охрид, Лајонс клубот Лихнидос донираше нов апарат за поединечно пакување на хируршки инструменти заради обезбедување на нивна современа и безбедна стерилизација.

“Пред само една недела, кога ги дониравме новите постелнини за две одделенија во нашата болница, бевме информирани дека одделот за централна стерилизација има потреба од нова ролер автоматска лемилица за индивидуално пакување на хируршки материјал за стерилизација. Заради тоа, членовите на клубот донесоа едногласна одлука да обезбедат средства за набавка на овој апарат.” – изјави Наум Бакрески, член на ЛК Лихнидос.

“Станува збор за најмодерен професионален ролер апарат за пакување на инструментите за стерилизација, со што сите хируршки зафати стануваат побезбедни за нашите пациенти.” – изјави Д-р Диел Аголи, член на клубот и иницијатор на идејата.

Изразувајќи голема благодарност за оваа и за сите досегашни донации, директорката на ЈЗУ Општа болница – Охрид, М-р Славица Малеска Стојадиновиќ најави потпишување на Меморандум за меѓусебна долгорочна соработка со Лајонс клубот Лихнидос.

OhridNews