Нов случај на оштетување на возило е пријавено од страна на македонски државјанин кој престојувал во Грција, со што вкупниот број на вакви инциденти летово се искачи на 56 случаи.

Вчера,на граничниот премин „Богородица“, жител на Неготино, кој управувал патничко возило „VW Пасат“, со неготински регистерски ознаки, пријавил дека во туристичкото место Јерисос му била одземена задната регистерска табличка. Оштетувањето го пријавил и во грчката полиција.

Со овој новорегистриран случај, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се вкупно 56 оштетувања на возила и одземања на таблички. Од 56-те оштетувања кои ги пријавиле македонските државјани, 39 се кражби на регистарски таблички, од кои во 26 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори со 6 кражби. По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на 14 случаи.

Од вкупниот број случаи 36 се пријавени од страна на наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. 29 од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во државава.

OhridNews