Уште три плажи на охридското крајбрежје добија закупци на денешното јавно наддавање што се одржа во Министерството за транспорт и врски.
Оттаму информираат дека согласно распишаната јавна објава за давање под краткотраен закуп плажи на Охридско Езеро, за најповолни понудувачи на електронското јавно наддавање се избрани:
– за плажа бр. 5 – правното лица „Горица 05“кое понуди вкупно 678.330 денари за закуп на плажата,
– за плажа бр.8 – правното лице „Биба груп“ кое понуди вкупно 371.340 денари за закуп на плажата,
– за плажа бр.9а – правно лице „Маредо“ кое понуди вкупно 333.540 денари за закуп на плажата.
Најповолните понудувачи се должни уредувањето на плажите, согласно Урбанистичко техничка документација за уредување на капалишта да го завршат најдоцна до 15.06.2012 година.
Инаку за закуп согласно распишаниот оглас, беа понудени 11 плажи. Освен овие плажи, по претходно распишан оглас беа дадени под закупи други 5 плажи на Охридско Езеро.
Најповолните понудувачи за закуп на плажите се должни истите да ги уредат согласно насоките и упатствата што подразбира уредување на плажите согласно сите туристички стандарди – поставување на сервисен пункт, тушови, санитарни јазли, лежалки и други реквизити и содржини за пријатен и забавен престој на туристите, како и попесочување на плажите.
Исто така, согласно насоките и упатствата за уредување на плажите, за користење на плажата закупецот е должен да овозможи слободен влез за посетителите т.е. да не се наплаќа надоместок за плажата, а при планирање на просторот, треба да се води сметка 40% – 60% од плажата да биде слободна за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити, информираат од Министерството за транспорт и врски.