На меѓуoпштинскиот натпревар по англиски јазик одржан во Струга во изминатиот март во категорија на ученици од втора година на средношколско образование, охридските гимназијалци постигнаа забележани резултати. Под менторство на проф.Сузана Ристеска, Ангел Јованоски освои прво, а Павел Спростран и Кирил Ковачески го делеа второто место. Со постигнатиот резултат тие се пласирани за регионалниот натпревар кој ќе се одржи при крајот на април.

 

Охридската гимназија ја продолжува и добрата соработка со мрежата на Американско катче. Вчера училиштето го посети м-р Билјана Кузмановска Тасетовиќ, координатор и виш советник за образование во САД од Американско катче од Битола, која учениците ги запозна со активностите, можностите кои им се нудат за студирање во САД и бесплатните ресурси кои им се достапни преку ова катче лоцирано во Струга спроти Хотел Дрим.

На 19-ти април 2018  по петти пат, во хотел Мериот во Скопје Амбасадата на САД и EducationUSA Македонија го организираат годишниот EducationUSA Саем за студирање во САД кој ќе претстави 10 американски факултети и универзитети, како и домашни организации кои работат во сферата на промоција на американското високо образование. 

На 11-ти мај, пак, во Битола ќе се одржи Битола Mini Maker Faire кој ќе се случува за прв пат во Македонија и ќе донесе глобално движење на Makers: иноватори, креативци, уметници, научници и вљубеници во технологијата со цел да се охрабри љубопитноста, забавата, откривањето и споделувањето на нови идеи, знаење и искуство. 

OhridNews