Како вовед во летната концертна сезона во Охрид, свој рецитал имаше младата пијанистка Ивона Базгалоска.
Во извонредната акустика на катедралната црква св.Софија прозвучија дела на Лудвиг ван Бетовен и Франц Лист, композитори-великани на музичката литература. „Рециталот започна со изведбата на сонатата оп.10 бр.3 во Де-дур, дело од раниот период од творештвото на Бетовен, во кое сепак е јасно оформен силниот индивидуализам на композиторот, кој пијанистката Базгалоска доста зрело и уверливо го претстави. Нејзините исклучителни пијанистички можности оставија силен впечаток на охридската публика при изведбата на популарниот Мефисто валцер бр.1 од Лист, дело кое претставува предизвик дури и за најголемите пијанисти-виртуози. Драмата, страста и сензибилитетот на виртуозната изведба преставуваа кулминација на првиот дел од рециталот, додека во вториот дел Базгалоска го изведе вториот концерт на Лист во А-дур во пијано придружба на нејзиниот ментор проф. д-р Нина Костова-Јаневска“, стои во рецензијата за одржаниот концерт напишана од страна на Професорот Даниел Чуркоски.
Публиката уживаше во карактерните трансформации на тематската идеја во наизменични лирски и енергични епизоди, музички тек што кулминираше во ритамот на маршот. Концертот беше заклучен со краток бис, етида од С.Рахмањинов во ес-мол.
Ивона Базгалоска е родена 1999 година во Охрид. Нејзиното патување низ уметноста го започнува на пет годишна возраст. Првата етапа од музичко образование го завршува во основното музичко училиште ОМУ „Методи Патче“ во Охрид, во класата на професорот Даниел Чуркоски, каде се закитува со титулата првенец на генерација.Образование го продолжува во средното стручно музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје, во класата на проф. д-р Нина Костова Јаневска, и е под менторство на истакнатите руски педагози проф. Борис Романов и проф. Људмила Романова.
Редовно настапува на концерти, учествува на меѓународни и државни натпревари, семинари. Нејзиното натпреварувачко искуство бележи седум специјални први награди и бројни триумфи на државно и меѓународно ниво, а особен печат оставија натпреварите во Италија, Србија, Лондон и Њу Јорк. Има одржано два солистички концерти во Охрид и во Скопје. Исто така има два пати настапено како солист во придружба на Македонската филхармонија, во 2015 година под диригентската палка на маестро Борјан Цанев и во 2017 под палката на маестро Ле Фи Фи.
OhridNews














