Младиот виртуоз на виолина, охриѓанецот  Даниел Мојсоски, добитник на први и специјални награди на државни и меѓународни натпревари, беше гостин на солистичкиот концерт на пијанистката Емилија Маринова во еден од најпознатите театри во Рим, Teatro di Marcello.

Младиот виолинист Мојсоски задоволен од својот впечатлив настап, каде пред присутната публика се претстави со дела од Чајковски и Кабалевски.

– Според аплаузот  и дипломата што ја добив,мислам дека достојно го претставив мојот град и мојата држава.После концертот имав средба со организаторите и присутни гости на концертот, меѓу кои и музички експерти.Тие ми искажаа признание и желба за понатамошен успех и соработка. Имав и малку време за разгледување на дел од прекрасниот Рим и неговата древна култура.Се разбира,фрлив и паричка во Фонтана ди Треви,со желба повторно да се вратам, да имам многу настапи, на разни места со многу композиции, вели талентираниот  Даниел.
  
Одржаниот концерт е  еден во низата концерти кои ова лето ќе бидат одржани во Рим, како резултат на долгата соработка на фестивалот „Охрид те сакам“ и фестивалот Tempietto. Предвидено е на концертите да настапат музичари од Македонија, како и младите музички надежи од ОМУ „Методи Патче“.  Главната цел на овој проект е промоција на младите и талентирани музичари од Македонија во Рим, но исто така и промоција на градот Охрид.

Концертот на Маринова и Мојсоски беше одржан во соработка со лајонс клубот Лихнидос од Охрид и дел од средствата ќе бидат наменети за најмладите музички надежи на кои им е потребна помош за нивното школување и усовршување.

OhridNews