Успешен настап на охридските стрелци на меѓународниот турнир „Пирин“ 2025 кој се одржа на стрелиштето во спортската сала Скаптопара во Благоевград. На Турнирот учество зедоа повеќето врвни клубови од Бугарија, Грција и секако стрелците од двата охридски клуба- СК „Охрид“ и ЖСК „Лихнидос“ кои се натпреваруваа во дисциплините пиштол и пушка во возрасни групи до 14, 16 ,18 и 21 година, сениорска конкуренција, како и во мешани тимови.
Првиот натпреварувачки ден настапија MIX TEAM на пушка во состав Кристијан Балоски и Ива Маленко, како и Теодора Спироска и Тамара Кичеец со стрелци од СК „Тракиа“ од Пловдив, но, за жал не успеаја да изборат пласман меѓу првите 3 тимови. Следниот натпреварувачки ден во поеднинечна конкуренција, трета позиција заземаа во дисциплината воздушна пушка Теодора Спироска од СК „Охрид“ во категорија до 18 год. и Ива Маленко во истата дисциплина, но во сениорска категорија, информира Валентина Гоџоска, тренер-координатор
Посочува дека Тамара Кичеец од ЖСК „Лихнидос“ заврши како петтопласирана во У16, а во дисциплината воздушен пиштол двата охридски тима се бореа за влез во финале, а потоа и за третата позиција.
Поуспешен настап имаше тимот во состав Климент Мостро и Наталија Савеска, заземајќи ја третата позиција пред тимот во состав Иван Милевски и Стефани Савеска кои завршија како четвртопласирани. Третиот натпреварувачки ден беше резервиран за стрелците на пиштол каде кај јуниорите до 18 години најуспешен настап имаше Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ кој се пласира на првата позиција, додека Иван Милевски од СК „Охрид“ се пласира на третата позиција, заостанувајќи зад првопласираниот за само 3 кругови. Кај јуниорките пак на пиштол-У18, трето место за Милица Кочовска од ЖСК ,,Лихнидос“, додека четвртопласирана заврши нејзината клупска другарка Стефани Савеска, заостанувајќи зад неа со само еден круг. Нашиот најмлад член од ЖСК „Лихнидос“-Ана Мостро се пласира на петтата позиција во У14, вели Гоџоска.


OhridNews














