Охридските натпреварувачи од студиото за танц „Соната“ на неодамна одржаниот Европски натпревар за модерен танц во Виена имаа успешен настап. На натпреварот на кој зедоа учество 6000 учесници, натпреварувачите од Охрид, и покрај силната конкуренција, успеаја да се пласираат меѓу најдобрите 15.
10- годишната Русе Иваноска која се натпреваруваше во категоријата деца го освои 14- то место, а 15- годишната Сара Сталевска која се натпреваруваше во категоријата јуниор за модерен балет беше на 10- то место.
– Ова е навистина голем успех затоа што станува збор за голем број учесници од цела Европа. Нашите девојчиња имаа успешен настап и во групи од по 100 или 60 натпреварувачи беа меѓу првите 10, односно првите 15, вели педагогот и кореограф Ана Савиќ од студиото „Соната“ која ги подготвуваше Сталевска и Иваноска за настапот.
Иваноска и Сталевска, кои и претходно имаа забележителен настап и на Европскиот натпревар за модерен танц во Нови Сад, од Виена се вратија со медалја и диплома.
Овој месец, во Пловдив ќе се одржи и Светски натпревар за модерен танц, на кој неизвесно е учеството на претставниците од „Соната“ поради немањето на финансиски средства.
OhridNews