Охридскиот боксер Наум Стојаноски од клубот “Алексо Огненовски” деновиве ги брани боите на Македонската репрезентација на еден од најстарите боксерски турнири во Европа “Београдски победник”.

Во денешната осминафинална пресметка тој ги вкрсти ракавиците со боксерот од Саудиска Арабија, Мајед Алхај Иса и забележа победа со прекин во првата рунда.

Уште од првите секунди на борбата Наум тргна во една беспоштедна размена на удари со арапскиот боксер во која успеа да ја материјализира својата физичка супериорност погодувајќи го противникот со силно лево кроше со кое му ја расече десната аркада на арапскиот боксер. По консултација со докторот, ринговниот судија ја прекина борбата доделувајќи ја победата на нашиот боксер, информираат од клубот.

На годинешниот турнир “ Београдски победник” што се одржува по 63- ти пат по ред, учествуват боксери од 25 земји во светот во машка и женска конкуренција.

Во  четвртфиналето што воедно  претставува и борба за осигуран медал,  Наум ќе ги вкрсти ракавиците со натурализираниот Руси, Вахид Абасов кој ги брани боите на Србија а воедно е и европски првак и учесник на Олимписките игри во Париз 2024 година.

OhridNews