Фестивалот кој е првата активност на Здружението иницијатива за независен културен активизам ИНКА, се одржа во петте дена насловени како Јаки жени, Ачик Активизам, Збор – два текст, Утрешниот уметник и Урбан Шаман, кои тематски го поделија фестивалот во неколку целини, а ги обединија креативните сили и дадоа нова перспектива на културата и можностите за нејзиното процесирање.
Организаторите велат дека се задоволни од тоа како помина фестивалот, а Кристина Тодороска – Петреска која е дел од ИНКА и еден од иницијаторите за „ДримОн“, вели дека особено значајна им била поддршката која ја добивале од своите сограѓани, од невладиниот сектор, но и од бизнис заедницата.
„Пред фестивалот се прашувавме како ќе помине, имавме сомнежи, но сега сме сигурни дека има публика за вакви активности и дека постои критична маса која е свесна и која навистина делува и помага.“ – вели Тодороска – Петреска и додава дека „ДримОн“ е фестивал кој се оствари со помош од самата заедница, без финансии.
„ДримОн“ ги анимираше посетителите на различни нивоа, пладневните активности беа работилници кои ги вклучуваа и најмладите, децата, но и возрасните. Во негови рамки функционираа еко работилницата со Христијан Томаноски, драмска работилница со Елида Бахтијароска, работилница за дизајн со Горан Ристовски, работилница за мандала и за креативни книги на мемории со Кристина Тодороска – Петреска.
Дебатите и предавањата пак, ги собраа на едно место размислувањата и ставовите на интелектуалци и креативци, а во овој дел учествуваа академик Катица Ќулафкова, професорот Небојша Вилиќ, Мерсиха Исмајлоска, Мите Стефоски, Небојша Илијевски, Климентина Илијевски, Алекс Букарски, Маја Танева, Јане Бакре, Марина Анчевска.
Во рамки на фестивалот беа претставени и струшките продавачи на активистичкото улично списание „Лице в лице“, а публиката имаше можност да види изложби на дела од Маја Кировска, Ѓорѓи Крстески, студио „дОМА“, Наташа Гелева, Иван Дургутовски, Ели Аиноска, Билјана Ангелеска, Стевчо Наумоски.
Присутните се забавуваа со музика од повеќе бендови, диџеи и изведувачи, а уживаа и во поетските перформанси на Ненад Јолдески и на Васко Марковски. Публиката ги погледна и филмовите на младите македонски режисери – Иван Ивановски, Јане Алтипармаков и на Саша Станишиќ, ја виде претставата „Љубовникот“ од Харолд Пинтер во режија на Ирена Стеријоска, медитираше со јога професорот Ванчо Тасески, а имаше можност и да погледне и да купи ракотворби од базар на уметнички производи кој беше во тек во за време на целиот фестивал.
Инаку, фестивалот се одржа на летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, а целта е да прерасне во активна платформа која ќе делува на остварување и на одржување на постојан проток на создавачка и креативна уметничка сила.