По повод 2 Април Светскиот ден на литературата за деца, втора година по ред, студентите од Факултетот за странски јазици при ФОН и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид заедно ја спроведуваат акцијата „Подари–размени книга“.

Веќе трет ден  книги разменуваат ученици од петтите одделенија од сите основни училишта од општина Охрид. Идејата е преку размена на книгата читателите да дојдат до нови интересни четива и сознанија и како што често се вели–да им се отворат нови светови.

Вработените и студентите на факултет за странски јазици на ФОН универзитетот деновиве беа вклучени во акцијата за собирање книги кои се разменуваат а подоцна во соработка со охридската библиотека ќе бидат донирани.

И децата и нивните наставници со задоволство ја прифатија акцијата и бараат да се одржува повеќе пати во текот на учебната година. Убаво е кога ќе се види како учениците трагаат по своето омилено четиво и автор и зборуваат за книгите, велат од библиотеката.

„Прличевата одаја “ во НУ  библиотека  до утре – петок ќе биде отворена  од 10 до 15 часот за размена на книги.

Последниот ден од акцијата во неа ќе можат да се вклучат сите заинтересирани граѓани да донираат и да си земат книга по избор. Акцент и утре  ќе  е ставен на литературата за деца.

OhridNews