Генерално 2022 година е доста успешна за Територијална противпожарна единица Охрид бидејќи после многу години започна процесот на возобновување на личната и техничка опрема вели командирот Борко Јанкулоски. Набавено е мало теренско возило кое беше многу неопходно поради тешко пристапни терени во стариот дел на градот и НП Галичица каде ни беше отежнат просторот за дејствување вели.

За пофалба е што после повеќе од 20 години е набавена протипожарна лична заштитна опрема за дејствување на пожари на отворен простор и технички интервенции, комплет за сите пожарникари. Се работи за нова опрема. Во изминатите години сме добивале од втора рака од странски помагатели, донатори. Таа опрема е од огромно значење за извршување на нашите активности. Оваа година започна и реконструкција на самиот објект со цел непречено изведување на нашите активности, реконструкција на деловни простори, а веќе сме во фаза на отпочнување на менување на старата дограма, гаражните врати се со цел возилата да бидат позаштитени, додава Јанкулоски.

Во однос на екипираност, вели во Охрид недостигаат девет млади пожарникари кои би можеле за две три години да прераснат во искусни пожарникари и да можат да одговорат на секоја задача.

ТППЕ Охрид покрива голема површина, дејствуваме и во Општина Дебрца, а сите знаеме дека Охрид во туристичката сезона има зголемен број на туристи и со самото тоа и зголемен ризик кон нив и градот. Со таа цел оваа година на моја иницијатива беше формирано и доброволното друштво „Ентузијаст“ во кое членуваат млади ентузијасти, вљубеници во оваа работа. Формирано e со цел дополнителна заштита на општините Охрид и Дебрца во летниот период, вели Јанкулоски.

И во 2023 година продолжува процесот на возобновување, бидејќи потенцира дека пожарната во Охрид имала долги години голем застој во однос на набавка на опрема како лична, така и техничка.

Во план за 2023 година е набавка на уште еден тип на заштитни одела кои се користат во урбани средини. Пожарникарите имаат два типа на одела секаде низ Европа и светот. Имаме успешен проект лично изработен од нашата пожарна во соработка со Јапонската амбасада. Очекуваме уште едно теренско возило за тешко пристапни терени. Започнавме со изработка на фамилијарен прирачник за реагирање во случај на несреќа кој се надевавме дека ќе биде завршен до крајот на оваа година, но ќе остане за почетокот на следната. Планирано е зголемување на едукацијата на вработените во институциите за дејствување во случај на несреќи. Прирачникот ќе биде пристапен и за децата со цел нивна едукација од најрана возраст, вели Јанкулоски.

Од негова страна била покрената и голема иницијатива за формирање на посебен специјализиран тим за дејствување при различни видови несреќи или елементрани непогоди, кој ќе биде формирам од искусни пожарникари од охридската пожарна, а ќе има високо ниво на обученост во сите сфери со што би интервенирал во одредени ситуации и надвор од нашата држава доколку има потреба.

Инаку, заклучно со денешниот ден во 2022 година имало 239 интервенции на пожари и споредбено со минатата година се бележи намалување за отприлика околу 30 пожари, што според Јанкулоски се базира на блискиот пристап на ТППЕ Охрид до граѓаните со едукација, апели и слично.

Зимскиот период повеќе интервенции има на оџачките канали од неисчистените оџаци пред сезона, за што и апелираме пред сезоната до граѓаните да извршат контрола на оџачките канали. Но, сепак нема некој зголем број на интервенции споредбено со минатата година овој период, заклучува Јанкулоски.

Н.С.Ј.