Невообичаениот спој на математиката, уметноста и литературата во ООУ „Кочо Рацин“ започна да се имплементира во текот на второто полугодие во учебната 2022/2023 год. преку eTwinning проектот „Математика низ стрип и карикатура“.
Проектот нѐ поврза да соработуваме со партнерски училишта од 5 различни земји: Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Турција. Интеграцијата на математиката, уметноста и пишаниот збор надополнати со користење ИКТ алатки резултираше со креирање различни ученички изработки (лого, карикатура, стрип). Учениците во текот на целиот проект тимски работеа учејќи најпрво како да се заштитат себе и своите лични податоци на интернет при што креираа аватари, се запознаа со законот за авторски права и кои слободни ресурси можат да ги користат. Имаа интегрирани часови за стрип на кои се запознаа за структурата на стрипот и како можат да креираат стрип користејќи ИКТ алатки ( Pixton, Canva и др.), велат од училиштето.
Во тимот под менторство на наставничката по македонски јазик Фила Вероска-Стојковска, наставничката по математика Силвана Крстеска и наставникот по ликовно образование Богоја Мојсоски учествуваа 14 исклучително талентирани ученици од предметна настава кои имаа часови за цртање карикатури интегрирани во наставната програма по ликовно образование, а во корелација со математика и македонски јазик.
Креациите кои ги изработија учениците беа претставени на заедничка изложба на стрипови и карикатури во холот на училиштето која ја посетија сите ученици во училиштето. По гласањето, најдобрите стрипови и карикатури го претставуваа училиштето на завршната манифестација Регионовизија за стрип каде беше освоеното второ место за стрипот „Математичка цедевита“ (категорија предметна настава) од шестоодделенките Бојана Митоска, Јана Спироска и Магдалена Танаскоска под менторство на Фила Вероска-Стојковска, а и останатите два стрипа високо котираа во конкуренција од 60 стрипа од 25 училишта, велат од училиштето.
Успешен пласман бележат и карикатурите од учениците на одржаната Регионовизија за најдобри карикатури на 7-ми јуни.
Особено радува фактот дека учениците преку спроведената евалуација, овој забавен и едукативен проект високо го оценија и покажаа желба идната година повторно да учествуваат на ваков или сличен проект. Математика + стрип + креативност + соработка во рамките на училишниот тим = успех!, додаваат од училиштето.
OhridNews