Уште една успешна сезона е зад младинските категории на ГФК Охрид Лихнидос, кои и во натпреварувачката 2025/26 година успеаја да го задржат клубот во најсилната младинска фудбалска конкуренција во Македонија.

Со вкупно освоени 150 бода, оГФК Охрид Лихнидос го освои 9-тото место на заедничката табела и обезбеди настап во младинската Супер лига и во сезоната 2026/27, трета година по ред, што претставува значаен успех за младинскиот погон на клубот.

Најдобар пласман сезонава остварија кадетите на ГФК Охрид Лихнидос, генерација 2008, кои под водство на тренерот Аце Вељаноски го освоија 6-тото место со 48 бодови.

Младинците (2007), предводени од Драган Бочески, сезоната ја завршија на 9-тата позиција со 44 бодови, додека пионерите (2009) на тренерот Александар Бакулески го освоија 11-тото место со 34 бодови.

Помладите пионери (2010), кои ги водеше Марино Маркоски, завршија на 13-тата позиција со 24 бодови, а значајна улога во развојот на младите категории имаше и тренерот на голманите Ѓоко Чадоски.

Спортскиот директор на младинските категории на ГФК Охрид Лихнидос, Коста Труфуноски, посочува дека континуитетот во Супер лигата е потврда дека во клубот се работи квалитетно и посветено.

Горди сме на секој фудбалер, тренер и член на клубот кој беше дел од ова патување. Благодарност и до сите родители и поддржувачи кои беа со нас во текот на целата сезона. Продолжуваме да растеме, да се бориме и достоинствено да го претставуваме Охрид, вели Труфуноски.

Во клубот потенцираат дека младинската школа останува еден од главните приоритети, со јасна цел, создавање нови генерации фудбалери кои во иднина ќе бидат носители на првиот тим на ГФК Охрид Лихнидос.

Г.М.