Успешно изведена хируршка реконструкција на дефект на лева челно-слепоочна регија од главата кај 26-годишен маж во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. Пациентот претрпел тешка трауматска повреда на мозокот по сообраќајна несреќа, повреда здобиена пред 3 години. РММА имплант во болницата Свети Еразмо Охрид
Незгодата и лекувањето на пациентот, како што посочуваат од Болницата, биле извршени во друга земја каде била пружена првата помош, која што се состола и во отстранување на интракранијално крвавење.
По стабилизирање на тешката општа состојба на пациентот, истиот е вратен во матичната земја за долекување во нашата болница. На приемот во нашата болница имаше знаци за инфекција на претходно извршената оперативна интервенеција на главата, по што се донесе одлука за отстранување на коскениот капак за санација на инфекцијата. По резолуција на инфекцијата кај пациентот се оформува евидентен коскен дефект во левата челно-слепоочна регија. Евентуално реконстуктивна корекција на дефектот доаѓаше во предвид по минимум 6 месеци слободен период без знаци за локална инфекција. Поради уникатната форма на дефектот, традиционалните, комерцијално достапните решенија не беа соодветни (рачно моделирање на биолошки цемент за изработка на нов коскен капак), појаснуваат.
Додаваат дека со помош на експертизата на д-р Стефан Арсенков и најновите достигнувања во технологијата за 3D печатење во нашата земја 3DLoom, успеале да дојдат до решение кое целосно одговарало на потребите на пациентот.
Резултатите беа одлични, што ја покажува моќта на иновацијата за индивидуален пристап кон засегнатиот пациент. Краниопластиката со употреба на високотехнолошки, персонализирани 3D калапи за PMMA импланти може да биде ефикасна и нискобуџетна процедура. И покрај достапноста на други материјали за кранијална реконструкција, PMMA овозможува одлични симетрични и естетски резултати, што го прави одлична опција, особено погодна за примена во земјите во развој. Горди сме на напредокот што го правиме во областа на неврохирургијата во нашата болница, и овој успех е уште еден чекор напред кон персонализирани здравствени решенијa, потенцираат од Болницата.
Н.С.Ј.