Препорака за „зелено знаме“  доби ОУ „Братство Единство“ од Охрид, на четвртиот Еко-самит кој изминатиов викенд се одржа во хотелот „Белведере“, како дел од реализацијата на програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем.

На настанот официјално беа прогласени наградените еко-градинки и еко-училишта кои постигнале високи стандарди во имплементирањето на еколошки програми за едукација и управување со институциите во рамките на програмата „Како да се стане еко-училиште” за учебната 2011/2012 година.

По тој повод свечено беа доделени наградите „Зелено знаме” како највисоко достигнување на Програмата, како и признанија за бронзено и сребрено ниво кои претставуваат меѓународен сертификат за исполнување на еко-стандарди во работата на училиштата и градинките.

Покрај ОУ „Братство Единство“, од основните училишта  „зелени”, „сребрени” знамиња и препораки добија „Кирил и Методиј”, од Битола, „Браќа Миладиновци” од скопски Илинден, „Јоаким Крчовски” од Крива Паланка, „Климент Охридски” од Македонски Брод, „Тодор Јанев” од Чашка, „Тошо Велков Пепето” од Кавадарци, „Трифун Пановски” од Битола, „Ванчо Прќе” од Штип, „Климент Охридски” од Драчево, „Ѓорѓија Пулевски” од Скопје, „Дане Крапчев”.

Додека, пак, кај средните училишта вакви признанија им беа доделени на „Боро Петрушевски” од Скопје, „Ванчо Прќе” од Виница, „Искра” од Штип.

Во категоријата на детски градинки наградите им беа доделени на „Гоце Делчев” од Илинден, „Гоце Делчев” од Пробиштип, „Раде Ј. Корчагин” од Скопје и „Срничка” од скопската општина Аеродром.

Одлуката за наградување на градинките, основните и средните училишта ја донесе комисија во чиј состав влегоа претставници на Министерство за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на образование, Државниот просветен инспекторат, Швајцарска агенција за развој и соработка и претставник од здружението ОХО.

Инаку, самитот беше организиран од  Здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.

OhridNews
извор: „МакФакс“