Извидници, планинари, алпинисти, професори, наставници, програмери и сите кои ја сакаат природата изминатата недела беа дел од првата работилница наменета за Граѓанска наукa, информираат од ЈУНП Галичица.
На работилницата идните волонтери имаа можност да се запознаат со генералните информации за Натура 2000 мрежата, како Граѓанската наука се спроведува во другите земји, видовите растителни и животински свет кои ќе бидат мониторирани во иднина, мобилните апликации и за следните чекори во овој процес. Се радуваме што околу 30 кандидати ќе бидат дел од Граѓанска наука и во наредниот период заеднички ќе придонесеме кон остварување на целите на Натура 2000 и помагање на работата на НП Галичица, додаваат.
Граѓанска наука ја вклучува јавноста во елементите на истражувачкиот процес, обезбедувајќи вредни научни сознанија и уникатно образовно искуство за учесниците, вели Ангела Тасеска, соработник за еколошка едукација во ЈУНПГ.
НП Галичица ќе ја користи граѓанската наука во извршувањето на својата мисија, со цел да ги зачува природните и културните вредности и да обезбеди уживање и образование за посетителите. Соработката помеѓу научниците и волонтерите има потенцијал да го прошири опсегот на истражување и да ја подобри способноста за собирање научни податоци, додава Тасеска.
ЈУНП Галичица во месец ноември започна со реализација на Citizen Science или Граѓанска наука, во рамки на проектот Натура 2000 кој се спроведува од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање.
Н.С.Ј.