Уставниот суд ги отвори сите можности за свикување на собраниска седница на која би се одложиле закажаните предвремени парламентарни избори на 5 јуни, откако поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на собранието. Уставните судии едногласно донесоа Решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на одлуката, јави репортерот на „Макфакс“.

Со оваа времена мерка кјоа стапува на сила од среда, се запираат сите изборни дејствија што значи претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, може да свика седница на парламентот на која пратениците би одлучувале дали да се одложат закажаните избори.

Уставните судии, идната среда, треба да го донесат конечното решение, односно ќе одлучуваат дали Собранието се распуштило во согласност со Уставот. Тоа ќе биде конечното решение, но сепак претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, може да се повика и на оваа денешна  времена мерка и да свика седница за одложување на изборите.

Претседателката на уставниот суд, Елена Гошева иако претходно беше против судот воопшто да расправа за уставноста на одлуката за рапуштање на Собранието, денеска се повика на одлука што ја донел Уставниот суд во 2001 година  со која, иако судот прво се прогласил за ненадлежен, сепак потоа одлучувал поради државни интереси.

OhridNews
извор Макфакс