По 10 дневната расправа за ребалансот на Буџетот 2022 во петокот едногласно е изгласан амандман на Комисијата за финансирање и буџет предложен од опозицијата, со кој се реалоцирани средства во износ од 3 000 000 денари за почеток на изградба на велосипедска патека Охрид – Струга.

Веста на својот Фејсбук профил ја сподели пратеничката Жаклина Лазаревска, истакнувајќи дека пратениците од власта и опозицијата од Охридско-струшкиот регион се обединиле околу оваа значајна иницијатива која ќе овозможи реализација на исклучително значаен инфраструктурен проект.

Речиси една деценија граѓаните на Охрид и Струга слушаат најави за изградба на модерна велосипедска патека што ќе ги спои двата града. Но, од тоа засега нема ништо. Стариот пат Охрид – Струга, каде инаку се предлага ваков значаен инфраструктурен проект, денес е се само не и безбеден пат за велосипедистите. Потврда за тоа се незгодите и непријатностите со кои оваа категорија учесници во сообраќајот се соочуваат на овој патен правец.

Општинскиот совет за безбедност на Град Охрид во 2016 години иницираше изградба на велосипедска патека од Охрид до Струга, а идејата подоцна неколку пати беше реафирмирана. Таа беше заложба и на бројни љубители на велосипедизмот, екологисти, но и на политичките партии кои ја вметнуваа во своите предизборни кампањи. Со амандманот на ребалансот на Буџетот на државата усвоен од соодветната парламентарна комисија, кој покажа политичко единство на народните избраници од Охрид и Струга од власта и опозицијата, се отвора патот за реализација на овој важен инфраструктурен проект кој позитивно ќе влијае не само на безбедноста на велосипедистите, туку и на туризмот и заштитата на животнатас средина.

Г.М.