На 48-та седница што се одржа денеска, Владата на Република Македонија го разгледа и утврди текстот од предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите и го достави до Собранието на Република Македонија на понатамошно усвојување. Со овој предлог закон се врши усогласување со меѓународните стандарди пропишани во оваа област, се обезбедува поголема заштита на укажувачите.

Владата на Република Македонија донесе и неколку кадровски решенија и именуваше неколку нови директори на државни инспекторати. За директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Владата го именуваше Ејуп Јахја, за директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Сеад Садуковски и за директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски. Воедно на денешната владина седница Владата на Република Македонија го замени Генералниот секретар Драги Рашковски, од позицијата претставник на Владата во Акционерското Собрание на Телеком и на таа позиција ја назначи Тања Чачарова Илиевска, советник за правда во канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија, соопшти владината прес служба.

OhridNews