Владата на седницата одржана вчера го усвои Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Законот за изменување и дополнување на Кривичниот закон, со што Македонија влегува во кругот на држави кои ја имаат декриминализирано навредата и клеветата.

Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик се бришат сите кривични дела од главата која се однесува на честа и угледот.

Покрај кривичните дела „навреда“ и „клевета“, кои претставуваат клучни дела, од оваа глава се бришат и останатите кривични дела кои се однесуваат на изнесување на лични и семејни прилики, омаловажување со префрлање за кривично дело, повреда на угледот на Република Македонија, излагање на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, повреда на угледот на судот, повреда на угледот на странска држава и повреда на угледот на меѓународна организација.

Со законот се воведува нов концепт на одговорност за навреда и клевета, усогласен со препораките на Европската унија, Советот на Европа, како и најновите тенденции во европските законодавства.

OhridNews
извор:„Макфакс“