Владата го усвои законот со кој за помалку од една година треба да се решат застарените стечајни постапки, при што ќе бидат опфатени околу 300 стечаи.

Премиерот Никола Груевски изјави дека со законот ќе бидат решени сите стечајни постапки опфатени со законите од 1989 до 2011 година.

– Околу 300 стечаи ќе бидат опфатени и според овој специјален закон тие би требало да се завршат за помалку од една година. Целта е да се стави крај особено на оние по 15-20 години стечаи од минатото, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови наслови од проектот за предвод на 1.000 книги од кои се учи на врвните универзитети во светот, рече Груевски.

Тој појасни дека станува збор за специјален и еднократен закон затоа што за одредена стечајна постапка која се случила во минатото важи законот од тоа време, а не сегашниот закон за стечај, кој е работен по примерот на Данска.

– Сега правиме специјален и еднократен закон којшто ги опфаќа само овие стечаи кои ќе ги реши за помалку од една година и ќе ставиме крај на тоа минато, затоа што сега имаме еден од најсовремените закони и во иднина оние фирми кои ќе одат во стечај, ќе го прават тоа по многу современ закон којшто е правен по пример на данскиот. Очекуваме по најновиот закон стечаите да завршуваат не помалку од една година, нагласи Груевски.

OhridNews