Најголемиот дел од расправата на денешната седница на советот беше посветен на предложените измени во однос на зоните за паркирање и цената на наплата.
Од советничката група на ВМРО ДПМНЕ со став дека станува збор за скандалозни и неиздржани одлуки кои одат на штета на граѓаните.
– Скандалозна е одлуката пред се поради тоа што станува збор за воведување на трета зона, односно наплата на паркирањето буквално секаде каде гравитираат голем број возила. Понатаму, нема никаква сообраќајна студија потврдена од МВР што е нелогично и рушење на институцијата совет, затоа што оној кој ќе го спроведе СМС наплаќањето за паркирање, веќе има потпишано договор со јавното претпријатие „Билјанини извори“, а одлуката не е помината на совет. Ние, како советничка група ќе бараме одговорност за оваа одлука што е надвор од сите законски прописи, вели координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков. Тој додава дека не е точно тврдењето дека измените произлегуваат од одлука на совет донесена во 2013 година. Како што вели Пецаков, во зона А дополнително се ставаат улиците: Илинденска, Цар Самоил, Коста Абраш низ цела должина. Во зона Б-улицата Караорман на потегот од Димитар Влахов до пресекот со булевар Туристичка, Серафим Китаноски, Војдан Чернодрински, Страшо Пинџур, а во зона Ц- улицата „Седми Ноември“ паркингот кај ОУ „Братство и единство“, и десно од маркетот Тамаро до старата бензинска пумпа.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Константин Георгиески ги отфрла обвинувањата дека станува збор за спорни одлуки.
– Ништо спорно нема. Ново е само воведувањето на улицата „Јане Сандански“ во зона Ц и булевар „Туристичка“, што ќе чини 10 денари, што беше содржано во одлуката од 2013. Со овие одлуки сакаме да воведеме ред во паркирањето, а не профит за ЈП Билјанини извори. Се воведува нов систем за наплата за кој општината нема никакви инвестиции, туку фирмата изработувач на софтверот го отстапува софтверот за одреден процент од наплатата, т.е. 14% што е најнизок во цела земја, а останатиот дел од профитот од наплатата останува за јавното претпријатие. Точно е дека се додаваат само неколку помали улици, но онаму каде нема услови за паркирање нема да се врши наплата, изјави Георгиески.
Градоначалникот Јован Стојаноски повтори дека нема да има зголемување на цените за паркирање, туку намалување и дека се менува само начинот на наплата. Во однос на користењето на паркинг просторот на улиците од страна на жителите од околните објекти додаде дека тие како и до сега ќе имаат одредени бенефиции, но не може воопшто да не плаќаат, бидејќи јавниот простор е за сите.

За наредната недела најавена е јавна расправа со жителите од стариот дел од градот на која ќе бидат презентирани измените за овој дел од Охрид, што ќе бидат опфатени со нов режим на сообраќај. Локалната самоуправа предвидува посебно и радикално решение за кое се надева дека ќе наиде на поздрав на жителите од стариот дел од градот.
Останатите точки од дневен ред на седницата беа усвоени без поголема расправа.
Т.К.














