Во отсуство на советниците од ВМРО- ДПМНЕ, на денес одржаната седница беа усвоени и нацрт- деталните урбанистички планови за Ривиера и Табана, кои како точка на дневен ред беа предложени на самиот почеток на седницата од страна на градоначалникот Александар Петрески.

Како што објасна раководителот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, со нацрт- планот за Ривиера предвидени се неколку нови објекти. Еден од нив на просторот наспроти објектот на Македонски телекомуникации. Станбени објекти со висина – приземје и три ката се предвидени на местото од сегашниот паркинг простор кај Ривиера каде со денационализација на сопствениците им е вратено дел од земјиштето. Ќе се гради и пред дирекцијата на Охридско лето, а на локацијата од летната бавча од Центарот за култура е предвидено да се гради катна гаража. Предвидени се и подземни гаражи кои би имале капацитет од 500 паркинг места.


Што се однесува на опфатот Табана, Арнаудоски објасна дека наспроти бројните шпекулации во јавноста дека на овој опфат е предвидена изградба на на висококатни објекти, со нацрт планот предвидена е градба на објекти со максимална висина од П+2, вклучувајќи го и просторт кај Летница.

– Сакам да нагласам дека и во однос на двата нацрт- урбанистички планови се постапувало согласно добиените заштитно- конзерваторски основи,  изработени од Завод и музеј- Охрид, рече Арнаудоски.

Од страна на советникот Томислав Тунтев беше потенцирано дека со оглед на фактот дека станува збор за атрактивен дел од градот, треба сериозно да се разгледаат примедбите и предлозите од граѓаните кои ќе можат да се изјаснат по нацрт- плановите на јавната расправа која наскоро ќе биде организирана.

За нацрт- плановите за Табана и Ривиера советниците расправаа и на седницата во месец февруари годинава, кога не беа усвоени од мнозинството советници. Против гласаа советниците од ВМРО- ДПМНЕ, кои тогаш изјавија дека нема да поддржат урбанистички решенија кои се против интересите на градот и охриѓани и кои би се донеле без потребното позитивно мислење од страна на НУ Завод и музеј- Охрид, задолжени за изработка на заштитно- конзерваторските основи без кои согласно Законот за културно наследство, не може да се носат урбанистички решенија за старото градско јадро.

Т. Кувенџиска